Проституцијата во Скопје била легализирана

Previous Topic Next Topic
 
Posted by Maketo Maketo
      Options
Денес повторно се актуализира прашањето за легализација на проституцијата. А проституцијата во Скопје била легализирана уште во периодот меѓу двете војни. Таа била сконцентрирана во посебни маала и квартови во градот. Најмногу во поранешното Циган маало, на десната страна од реката Вардар, и во Старата чаршија. Јавните куќи носеле необични и егзотични имиња: "Марс", "Венеција", "Три вили", "Фенерли ан", "Океан".
Легализацијата значела водење, пред сe, лекарска грижа за дамите на ноќта, но таа нудела и други погодности за да се заштити најстариот занает на светот. Но и државата имала полза преку плаќањето даноци. Постојат записи и уметнички текстови кои многу автентично ја сликаат атмосферата и спецификата на јавните куќи во Скопје, како и други, документарни кажувања, кои се трајни сведоштва.
Најпознати кафеани - јавни куќи во Старата чаршија биле "Јанчев ан" и "Фенерли ан". "Јанчев ан" се наоѓал на простороткај денешното плато пред црквата "Св. Спас", и тој објект сега веќе не постои. Иако денес многумина поминуваат покрај "Фенерли ан", не знаат дека тој некогаш бил јавна куќа. Се наоѓа над дуќанот на клучарот Мирко, а пред познатото кафуле "Наргиле". Ова е еден од објектите кои ја чуваат патината на старата архитектура од Чаршијата. Случајно или не, него и денес го краси еден стар фенер.
Постојат многу анегдоти и необични ситуации сврзани со јавните куќи во Скопје. Проституките најчесто се криеле зад необични и звучни имиња: мадмоазел Лили, Црна Маца, Фифи, Роса, Лотосов Цвет. И околу Зеленото пазарче имало јавни куќи, а едната од нив го носела името "Рудник". Еден од постарите жители од тој крај ми раскажуваше дека најпопуларна била мадмоазел Лили. Преку лето, таа со голи гради се сончала на прозорецот. А пред прозорецот имало врвулица од луѓе, љубопитници и почитувачи на дамата. Но не можел секој да влезе во јавната куќа, особено не сиромашните. Еден работник од Монополот смислил итрина - неколку денови во неделата не пушел цигари и јадел црн леб. Заштедата била доволна за една посета кај мадмоазел Лили.
Кај денешната гимназија "Јосип Броз - Тито" некогаш имало две јавни куќи. Едната по име "Гостивар", а другата "Хајдук Вељко". Тамошните жители, тогаш деца или млади момчиња, денес во повозрасни години, се сеќаваат дека за време на војната добивале по еден лев од проститутките, ако им пронајдат муштерија. Ангажманот бил повремен и случаен, а заработувачката одлична за тогашните кризни времиња.
На другиот крај на Скопје, во Маџир маало, и денес постои објектот на познатата кафеана и јавна куќа "Три вили". По иронија на судбината, денес тука се сместени просториите на Народна кујна. Некогаш во првиот дел од зградата постоела фурна, а вториот дел бил кафеана. Еден од најстарите жители на маалото денес ми раскажува дека посетители на јавната куќа, поради близината на Аеродромот, биле главно воени лица. Сопственичка била некоја маркантна, дебела жена, а проститутките биле убави девојки што биле доселени во Скопје.
А каква била атмосферата и клиентелата во скопските јавни куќи меѓу двете војни, извонредно сликовито ни ги опишува Д. Михајловиќ во романот "Чизмаши". Еве еден интересен дел:
"Сe си мислам, превртувам нешто во главата, каде ќе одам, што ќе правам, ајде, си велам, ќе појдам во јавна куќа.
А тогаш во Скопје, близу до Станицата, една мала улица беше преполна со јавни куќи. Преку ден, тие изгледаа како секоја обична кафеана, само што се затворени, и никој не би помислил нешто друго. И девојките дење спијат, па не можеш ниту да ги видиш. А јас сум им постојан муштерија, сите ме знаат, ќе ме пуштат внатре... Така, со мене седна сопственикот на куплерајот, некој чичко Трпко. Нарачав шприцер и кафе за себе, нарачав нешто и за него. Разговаравме. Тој се жали дека работата во последно време не му оди добро. Мајката, си велам, може ли на проститутките да не ми оди добро? Дали девојките, велам, сe уште спијат? Мајчината им, вели тој, спијат. Само спијат и јадат, ништо друго не прават. Пет пари не даваат за гостите. Но сите еден ден ќе ги разбркам. Ќе доведам млади девојки од село, сe уште нерасипани, прсти да си излижеш. Потоа самиот си ги лиже прстите... Дали ти посакуваш некоја? За тебе, Жико, сe ќе направам. Кажи која сакаш да ти ја повикам? Би сакал, велам, да ми ја повикаш горе онаа Роса, ако е будна. Сите тие имаат чудни имиња, доколку имињата им се нивни. А таа Роса беше олкава, бомба женска. И многу добро знаеше да се дупи, со сите марифети. Честопати $ бев муштерија. Добро, вели Трпко, оди горе".
Мирослав Крлежа вака го опишува "Јанчев ан" за време на Балканските војни во романот "Знамиња": "Најголемата општествената сензација овде среде Чаршијата е една меана, еден ан, еден 'Јанчев ан'... Да го слушнеш само урнебесот од победоносните извици на гостите кои курвата ја сметаат за говедце".
По војната, нелегализираната проституција во Скопје е присутна во ресторанот на хотелот "Бристол", а во седумдесеттите години таа се сели во кафената "Ново Скопје" на Бит-пазар.

http://www.vest.com.mk/?ItemID=CD89A40413698D46A9345CC2806C69C7&arc=1