Незаборавните скопски слаткарници

Previous Topic Next Topic
 
Posted by Maketo Maketo
      Options
И ден-денес се прераскажува за бозата во "Апче", "Баш Пеливан","Охрид", во "Шехерезада". Ако денес влезете во слаткарницата "Апче", во еден агол ве пречекува натписот "Боза Апче, легенда што се пие". Ако се вкусни, и легендите можат да се пијат, зошто не?...Пишува Данило Коцевски

Ако сте добар фраер, најпрвин ќе и предложите на девојката да тргнее со вас. Ако таа се согласи, тогаш право во слаткарница. На боза и сладолед, на тулумби и баклави. А потоа во кино. Или обратно, во кино, па во слаткарница. Така беше некогаш. Но во сите варијанти, слаткарницата беше неизбежна. И ден-денес се прераскажува за бозата во "Апче", "Баш Пеливан","Охрид", во "Шехерезада". Ако денес влезете во слаткарницата "Апче", во еден агол ве пречекува натписот "Боза Апче, легенда што се пие". Ако се вкусни, и легендите можат да се пијат, зошто не?
Една од најпознатите слаткарници пред војната, која се наоѓала на денешната улица Македонија, била слаткарницата "Милка". Во еден запис од тоа далечно време се вели: "Слаткарницата 'Милка' има најбогат асортиман - сува мињоне, фондан фре, торти, кремови сладолед во парфе. Секоја конкуренција е исклучена". Тоа е, секако, зачетокот на модерните европски слаткарници. Друга позната слаткарница на која денес скопјаните со воздишка се сеќаваат е слаткарницата "Пчела". Таа се наоѓала спроти училиштето "Гоце Делчев", веднаш до неговите полукружни, раскошни скали. Особено била позната по шампитите. Интересен е податокот дека зградата во која се наоѓала оваа слаткарница сè уште постои. Тоа е објектот изграден пред војната, во близина на денешното кафуле "Џек Даниелс". Оваа слаткарница ја држело семејството Мисовски, по потекло од с. Гари, а потоа ја презело Градското слаткарско претпријатие "Малина".
Една од најпознатите слаткарници пред земјотресот беше "Пошта". Се наоѓаше во близина на Поштата, наспроти Куклениот театар и првиот дуќан за чистење на чевли на мајстор Панта. Во неа често навраќале и фудбалерите по некој успешен натпревар. Најпознати, секако, се и некогашните слаткарници "Цариград", наспроти киното "Култура", и "Вардар" на сопственикот Соломон, во близината на Парламентот. Во неа биле познати бозата, која ја правел дедо Илија, колачињата оревовки, како и првите гумени бомбони. Слаткарниците "Ванила" се приказна за себе. Пред земјотресот, постоеше слаткарница "Ванила" на ул. Никола Вапцаров, а слаткарница со истото име и на истата улица постоеше и по скопскиот земјотрес. Во седумдесеттите години, кога се изгради Градскиот трговски центар, младите одеа во "Ванила", која со право ја сметаат за своја. Една од најпознатите во градот, секако, е "Баш Пеливан", битпазарската легенда. Во сеќавање ни е останат мајсторот Ќајче Сељам, неговите слатки и бозата, но и Мими, нашиот врсник од детството, кој до неодамна ја водеше слаткарницата. За жал, денес, а тоа малкумина го знаат, "Баш Пеливан" веќе не постои. Урната е до темел, а на нејзино место неодамна е изграден ресторан "Ориент". Во Маџир маало најпозната беше слаткарницата "Пилот", сè уште зачувана во спомените.
Слаткарницата "Охрид" во Чаршија е една од легендите. Неа денес успешно ја водат Азис и неговиот син Реџеп, а таму сè уште ќе го најдете старото добро ашуре, кајмачина, салеп, шеќерпаре. Со насмевка ќе ве пречека и ќе ве послужи Адиљ. И еден куриозитет - во неа постои уметничка слика, изработена од една американска хуманитарка вљубена во оваа слаткарница, на која пишува "Кај си? Јас сум во слаткарницата 'Охрид'". Во средината на шеесеттите години најпопуларно кино беше "Карпош". А по киното, се разбира, во легендарната "Апче". Неа денес ја краси сликата на основачот Исман, а неговите наследници Елем и Мефо успешно ја водат. Гордост на големата слаткарска традиција во Скопје е и "Шехерезада", за чија популарност се најзаслужни чичко Мустафа и неговиот син Наим. Денес особено се посетени и популарни слаткарниците "Палма", потоа "Крин", "Моцарт", "Канела". Со слаткарниците е исто како и со љубовта - првите слатки, првата боза и сладолед никогаш не се забораваат.

http://www.vest.com.mk/?ItemID=8822F5DEB3110A4D82C377C4866B5657