Ем автобус ем на два ката

Previous Topic Next Topic
 
Posted by Maketo Maketo
      Options
Првите двокатни англиски автобуси "лејланди" во Скопје пристигнале 1956 година

Пишува: Данило Коцевски

Деновиве, појавувањето на првиот двокатен автобус во Скопје предизвика сензација. Особено кај младите скопјани, но и кај постарите генерации, кои се потсетија на детството и на младоста од пред земјотресот, кога токму ваквите автобуси му даваа особена убавина на градот.

Првите двокатни автобуси кои крстосуваа низ градот беа набавени во 1953 година. Тие беа од марката АЕЦ, со капацитет од 60 седишта. Малку е познато, а тоа е вистински куриозитет, дека тие автобуси беа - со дрвена конструкција. Дури во 1956 год. беа набавени првите метални англиски "лејланди".

Меѓутоа, тоа не беа првите автобуси во градот. По војната, ситуацијата со јавниот превоз била многу тешка. Според сведоштвата, се започнало со само пет-шест автобуси, меѓу кои биле марките "џемс" и "шкода", возила кои биле запленети во Втората светска војна.

Подоцна биле добиени и десет нови автобуси од француската марка "рено", преку воена репарација. Во 1957 год., поради униформирањето на возниот парк, беа укинати двокатните автобуси и во сообраќајот беа воведени нови ФАП-ови еднокатни возила, кои го преживеаја земјотресот и беа во употреба сe до 1964 год. Интересно е кои сe марки на автобуси се споменуваат во Скопје. Тоа се: "клокнер", "шкода", "рено", "штојфер", "берљет", "круп" и "фиат". Градското претпријатие за автотранспорт беше формирано уште во 1947 год., со решение донесено од Градскиот народен одбор.

Сепак, најголема атракција во Скопје беа двокатните англиски "лејланди" во педесеттите години. Најславна беше "двојката" на релација Автокоманда, Плоштад, Парк, Техничко училиште. Во документацијата постои дека таа тогаш била единствена и сообраќала на релација во должина од шест километри. Од Автокоманда минуваше низ улиците Брегалничка, Кеј 13 Ноември, Димитар Влахов, Илинденска, сe до Градскиот парк. Постоеше и линија со бројот 3, од Автокоманда до Водно. Подоцна беа воведени и нови линии на двокатните автобуси, за општо задоволство на граѓаните. Во 1956 год. беа воведени девет нови релации, а вкупно сообраќаа околу педесет возила.

Многу интересни нешта се поврзани со функционирањето на двокатните автобуси.

Постарите возачи и механичари се сеќаваат дека на почетокот немаше обука за нив или дека таа беше многу тешка. Немаше ниту доволно возачи. Дури и трактористите беа оспособувани за управување со автобусите. Освен возач, постоеше и кондуктер за наплата на билети од два до пет динари. Секој возач си носеше торба со алатки со себе. Ако се расипеше автобусот, сам да го поправи. Поради големината, тие не можеа да се репарираат во гаража, туку надвор, на отворено.

Еден од постарите возачи кој од почетокот беше во ЈСП, Бојан Спасовски, вака се сеќава на тие времиња: "Возачите мораа да бидат во униформа, чисти, средени, избричени. Поради специфичните услови во кои работевме, имаше многу необични и интересни случки. Една од нив беше кога поради невнимание на возачот, двокатниот автобус закачи во подвозник. За среќа, немаше патници на горниот кат. И покрај напорната работа, проблемите или несогласувањата, секој ден го завршувавме со чаша пиво во кафеаната што се наоѓаше во близина. Тоа навистина беа убави времиња".

И уште еден податок, кој денес изгледа како куриозитет. Имено, тој зборува за културата која тогаш владеела при возењето и однесувањето во овие автобуси. Еве дел од сеќавањата на Перо Цветковски, механичар: "Она по што тогашната работа се разликуваше од сегашната е тоа што возачите и кондуктерите беа униформирани. Кондуктерите мораа да ја најавуваат секоја станица. На тој начин тие ширеа една култура меѓу патниците, што, од друга страна, предизвикуваше особена почит кон тие професии".
Постоеја толку големи љубов и заинтересираност на граѓаните за овие двокатни автобуси, така што до денешен ден се зачувани повеќе анегдоти. Еве некои од нив.

Една анегдота - Скопјанец го гледа големиот двокатен автобус и го прашува возачот: "Каде оди овој автобус?" - "За Автокоманда", одговара возачот. - "А овој вториот?"

Друга анегдота - "Не знам што е ова што се случува во градот", му вели еден граѓанин на својот пријател. "Што им е на луѓево? Качиле еден автобус врз друг, па така се возат низ градот!"

За пробното возење на кинескиот автобус, се потсекуваа гранките од некои дрвореди на булеварите. Тоа нe потсети на двокатниот автобус од педесеттите години, кој нe носеше кон Паркот и Зоолошката градина. Гранките од дрворедите на Илинденска удираа во горниот кат создавајќи една необична, весела музика, која до ден-денес ни е останата во сеќавање.

Така, се случи еден необичен ден во Скопје - едни се возбудуваа од новата глетка, а други од спомените кои неочекувано оживеаја во нив.

http://www.vest.com.mk/?ItemID=B1AC0E85F9F0EE479954610C4A16D772