Непозната Чаршија, знаете ли кој е најстариот дуќан?

Previous Topic Next Topic
 
Posted by Maketo Maketo
      Options
Секој град би се гордеел со најстариот дуќан или комплексот со најстари дуќани, па така е и со Скопје. До пред извесно време, а и денес во него главно се продава текстилна стока и модна галантерија ... пишува Данило Коцевски

Кога Евлија Челебија дошол во Скопје кон средината на 17 век, запишал дека во Чаршијата имало 2.150 дуќани. Во 1908 година, кога се запалила Чаршијата и кога, покрај другите, ја гаснел и Бранислав Нушиќ, изгореле 700 дуќани. Кога Пиколомини го запалил Скопје во 1689 година речиси до темел се изгорени сите објекти. Чаршијата, сепак, одново се раѓала како феникс. Од малкуте археолошки сондажи кои се правени досега, под сегашното нејзино ниво откриени се опожарени објекти и дуќани.
Големи трговски комплекси и продавници за стоката постоеле и пред доаѓањето на османлиите. Со нивното доаѓање, градот, а со тоа и и трговскиот дел, добиле ориентални одлики и белези. Се смета дека токму денешниот Безистен и неговата околина биле зачетокот на турската Чаршија. Во речиси сите ориентални градови, безистените биле јадрата околу кои се формирале чаршиите и дуќаните во кои се произведувала и продавала стоката. Затоа и постоел само еден, главен безистен.
Денес, вистински куриозитет е што во Чаршијата е зачуван најстариот дуќан. Тој дуќан се наоѓа на улицата Покриена чаршија (или Златарска), и на прв поглед не се разликува многу од другите. Тој, всушност, е компониран во еден комплекс од дуќани. Кога внимателно ќе го разгледате целиот тој комплекс, наеднаш ќе ја уочите неговата патина, староста на градбата и неговата убавина. Таа стара градба се наоѓа во непосредна близина на Безистенот, но и до Араста џамијата, која сега е во изградба. Зошто најстариот дуќан во Чаршијата се наоѓа токму тука, секако, не е случајно. Тој простор сe уште не е доволно археолошки истражен.
Зборот безистен е составен од арапското "беззз и персиското "истанн, и означува продажно место, место каде што се продавало платно. Околу таков Безистен, каков што е скопскиот, никнувале други трговски објекти, меѓу кои е и овој со најстариот дуќан. Тој објект е подигнат во првата половина на 15-ти век, кога е изграден и Безистенот од заповедникот на Скопје Исак-бег. Безистенот е опожарен од Пиколомини, а обновен е во 1900 год.
Но помалку е познато дека и самиот збор "араста", како што се нарекува и џамијата, во непосредна близина на најстариот дуќан, значи покриен простор, односно покриена чаршија. Според покриената (араста) чаршија и џамијата го добила името. Денешната улица Покриена чаршија или Златарска била срцето на некогашната Чаршија, и токму тука се наоѓа најстариот дуќан, бидејќи сите објекти на тој простор имаат дамнешно потекло. Тој дел се нарекувал капали - покриена, но и Темна чаршија, име кое денес поретко се употребува, но, сепак, е зачувано во таква форма.
Секој град би се гордеел со најстариот дуќан или комплексот со најстари дуќани, па така е и со Скопје. До пред извесно време, а и денес, во него главно се продава текстилна стока и модна галантерија. До него се дуќаните за свечени и венчални фустани. Постојат скали кои водат во горниот дел, типични за ориенталните магази. Интересно е дека дуќанот се состои од два дела, вториот дел од објектот е непристапен, но неговиот надворешен заден дел е посебно патиниран со мали прозорци и средновековни арки. Малата калдрмисана уличка му дава посебен шарм на амбиентот. Успешната ревитализација на сиот овој простор под името "Арт базар", во чиј комплекс се наоѓа и објектот на старата Француска банка, пред неколку години ја реализираше Градскиот конзерваторски центар.
Токму овие дуќани Евлија Челебија вака живописно ги опишал пред многу векови: "Секој дуќан го красат саксии со зумбул, со темјанушки, ружи, зимски ружи, босилек, јоргован, со кринови. Сите посетители и трговци се опиваат од нивниот мирис. Има деловен и чесен свет... Има еден Безистен, за чиј опис јазиците се недоволни, а перата немоќни и слаби. На двата влеза има железни порти со кубиња. Прилега на една цврста тврдина. Безистенските трговци секогаш му палат на гостинот мирисен темјан и ги прскаат муштериите со ружина вода. И тука на човека паметта ќе му се занесе од мирисот на мошус, камфор со зумбулов мирисс.
Кога веќе зборуваме за старите дуќани, треба да се каже дека во дамнешни времиња тие биле чувани на особен начин, за да бидат заштитени. Во записите и истражувањата на постарите хроничари, стои дека дуќаните се отворале многу рано, а се затворале на зајдисонце. Ноќно време биле надгледувани од чувари наречени пасванџии. Во зависност од тоа во кој реон се наоѓале, занаетчиите и трговците самите ги плаќале пасванџиите. Во средината на 16 век имало 1.015 дуќани, и од сите нивни газди била земана такса за ноќно чување. Парични казни се наплатувале и од лицата што ноќе, без причина, се задржувале во Чаршијата. Дуќаните биле наредени од двете страни на улицата, таа симетрија може да се забележи и денес, а сите биле приближно со еднаква височина. Така, се добивало впечаток како сите да се наоѓаат под еден заеднички покрив. Често тие се потпирале врз некој друг објект, безистен, карван-сарај, ан или амам. Треба да се продолжи веќе започнатата акција сите значајни и куриозитетни објекти во Чаршијата адекватно и поопстојно да се одбележуваат, за да можеме самите подобро да си го запознаеме градот, и уште подобро да го презентираме пред странските гости.

http://www.vest.com.mk/?ItemID=F00D4D864A25194BAA3A833C49CD0734