Ако фатиш женска, цело маало ќе те дознае

Previous Topic Next Topic
 
Posted by Maketo Maketo
      Options
пишува Данило Коцевски

Сè уште не сме свесни дека старо Скопје постои и денес, во маалата кои се останати. Тие опстојуваат како споменик на едно време. Ако еден ден наполно ги урнеме, ќе исчезнат и последните траги од некогашниот град. Во една нова, урбана визура би требало да се зачува дел од старата, вредна архитектура. А таа, за среќа, сè уште постои. Поминете низ остатоците на Ново маало, Маџир маало, Пајко маало, Крњево, Кисела Вода, Дебар маало. Нашата педесетгодишна немарност урбано да ги решиме овие простори, можеби, има и позитивна страна: сè уште постојат куќи и семејни палати од пред сто години, но и мали, егзотични објекти од непечена тула, стари порти, фасади, чешми, балкони, огради и раскошни дворови. Овде духот на старото грчевито се бори да опстои во новото време.
Најавтентичните приказни за градот или за маалото ќе ги раскаже оној што со децении живеел на тие простори или оној што сега таму ја минува својата младост. Еден од тие автентични сведоци е и Трифун Павловски-Трпе, деведесетогодишник, денес еден од најстарите маџирмаалци. Но, и младиот Александар Панчевски, 21-годишен студент на Електротехничкиот факултет. Трифун, некогашен службеник во Архивот на Македонија и жива енциклопедија на маалото, со голема прецизност може да ви раскаже кој објект каде се наоѓал и кое семејство каде живеело.
Започнува со дуќанот на Благоја Радулов, бакал, потоа познатото семејство Ставриќ, кое држело аптека, па следуваат еден дуќан на шивач, кафеаната "Мали Орловац", чевларот Јордан, па уште еден бакал, чиј син е познатиот Аце Фотографот, Борис Брашнарот и неговиот дуќан за брашно, јорганџијата Турчин, со жена нашинка, до нив живеел доктор, хирург, потоа бербер, фурнаџија, столар. Стариот маџирмаалец открива еден куриозитетен податок, кој малку е познат: денес сè уште постои објектот на една од најпознатите јавни куќи во периодот меѓу двете војни, наречена "Три вили". Такви објекти ретко се зачувани во Скопје. Јавната куќа ја држела некоја дебела, постара жена, а, според сеќавањата, девојките биле прекрасни. Поради близината на аеродромот и војската, главни клиенти биле униформираните, а девојките секој понеделник со пајтони биле носени на преглед во Државна болница. Денес се зачувани неколку убави куќи, а пред едната од нив беше извршен атентат", се сеќава Трифун. "Беше убиен народниот пратеник Хаџи Ристиќ. Лично го видов атентаторот како бегаше покрај Вардар".
Младиот Александар Панчевски не е помалку вљубеник во старото маало од Трифун Павловски. "Никогаш и за ништо на светот не би ги напуштил Скопје и Маџир маало", вели тој. "Овде најмногу се одржува духот на традицијата. Се организираат средби, натпревари, пикници. Сите живееме како браќа. Ако некои денес се скараат, утре повторно заедно пијат кафе. Така било некогаш, а така е и денес. Ако фатиш женска, цело маало ќе те дознае. Луѓето овде имаат посебен дух, големи романтичари се. Ги сакаат дамите на посебен начин. Има една стара љубовна приказна, кога богат маџирмаалец се вљубил во муслиманка. Таа се омажила во Чаир, и тој купил куќа во Чаир. Кога заминала таа за Њујорк, тој купил стан во истата зграда. И никогаш повеќе не се вратил во Скопје", раскажува Александар и нè води да ја снимиме неговата куќа, која сè уште постои.
На празниот простор каде што денес жителите ги палат бадникарските огнови, некогаш се наоѓала познатата слаткарница "Пилот". Александар ни покажува уште еден куриозитет: иако, можеби, стотина пати сте поминале оттука, на улицата Ѓуро Ѓоновиќ не сте ја забележале старата чешма, обликувана во вид на мала скулптура. На неа сè уште постои металниот чеп за вода и испишан текст: "Во чест на избори 26. 3. 1950", понатаму текстот е нечитлив. Овие избори биле само повод да се зачува споменот за чешмата. Александар се занимава и со маратонско пливање, веќе има учествувано и на Охридскиот маратон. Од каде дете кое израснало покрај Вардар, и тоа загаден, да се натпреварува во маратонско пливање? Тој се насмевнува: "Не постои маџирмаалец кој не влегол во Вардар, макар и ваков каков што е. Како деца си игравме на браната кај Железничкиот мост, која е плитка. Но, не заборавајте, во близината се наоѓа и Олимпискиот базен...".

 http://www.vest.com.mk/?ItemID=04C22A5F39A4364EA703718D380E6D32