На плажа, тава со ориз, лубеница во Вардар

Previous Topic Next Topic
 
Posted by Maketo Maketo
      Options
На плажа, тава со ориз, лубеница во Вардар

пишува Данило Коцевски

Нема крај на скопските чудесии, особено во летниот период. Летото е рај според што Скопје се препознава. Сите воздивнуваат, се потат и препотуваат, но летото си е лето и не се може без него. Едноставно, го сакаме летото. Каков само беше ритуалот да се оди на плажа во педесеттите и шеесеттите години. Вистински летен настан, кој не се заборава. И денес се прераскажуваат многу анегдотични ситуации.
На плажа се седеше долго, затоа мораше да се носи јадење. Можеше и тава со ориз, штотуку извадена од маалската фурна. Можеше да се здипли и некоја туѓа тава со другарите, додека фурнаџијата беше свртен со лопатата со грб. Лубеницата беше задолжителна - таа предизвикувачки се мрешкаше во плитката вода крај брегот. Ако се одеше на плажа во Сарај, патот беше долг. А по патот, многу бавчи. Скинатиот зеленчук можеше да заврши и во гаќичките за капење за да не забележеа чуварите. За да се скројат гаќичките, можеше да послужи некое старо платно или фрлено старо знаме. Се врзуваа отстрана за поедноставно да се облекуваат и да се соблекуваат.
Ако некој сакаше да крева чалами, требаше да се пушти низ Вардар со внатрешна автомобилска гума, од Сарај до Камениот мост. Но како да се однесеше гумата до Сарај? Со тркалање. Ако се сакаше да се биде главен фраер, најубава беше црвената внатрешна гума. Црвена како жар. Како да се дојдеше до нив? Едноставно, нив ги имаше во камионите од марката "прага". На плажите се продаваше ладна оранжада. За да биде ладна, требаше да има мраз во кофите. Мразот се земаше од фабриката во четири часот наутро. Немаше фрижидери, туку само сефови од лим. Во Пајко маало имаше работилница за оранжади. Ги произведуваа чичко Живко и тетка Стојка, а се продаваа на плажите и пред северната трибина. По продажбата, шишињата мораа да им бидат вратени на газдите.
Во ладните сенки од дрвјата во Паркот, во близината на Градската плажа, седеа коцкарите. Наеднаш ќе свикаа: "Дете, дај оранжада". Наградата за продажба на ладните пијалаци беше честењето плескавици во кафеаната на плажата што ја држеа Трајко Пилотот и неговата сопруга Драгица, Црногорка. Во ладните води на Вардар се слушаа викотници, се играше оди допри ме. Околу капачите се возеа кајаци. Еве и една анегдота. На прашањето: "Кога последен пат си ги миел нозете?", одговорот беше: "Летоска на Вардар!"
Летното кино во Паркот беше особен предизвик. Најнов филм со Мерилин Монро. Големо филмско платно, но како да се влезе внатре? А зошто би влегувале внатре? Можевте да имате бесплатна кинопретстава ако се качевте на едно од високите дрвја. За возбудата да биде комплетна, требаше да внимавате да не се струполите од дрвото долу, во тревата. Не се одеше само во летните кина и тераси туку и во оние затворените, како киното "Напредок", особено ако се прикажуваше филмот "Тарзан и неговата другарка". Некои од гледачите во салата врзуваа ортоми, па се спуштаа од балконот во партерот, испуштајќи го препознатливиот крик на човекот од џунглата. Еден беше Тарзан, а друг неговата другарка Џејн. Ако ве ангажираше шиткач да му купите билети, можеше да ве чести трошки од бурек во фишек во бурекчилницата кај киното "Младина".
Иако фудбалското првенство беше завршено, Зекуле секогаш ве пречекуваше пред спортскиот клуб "Слога" со своите спортски коментари. Зашеметуваа неговиот глас, неговото брзо, возбудливо зборување. Значи, ако "Слога" го тепа "Балкан", а "Балкан" го тепа "Вардар", "Вардар" го тепа "Партизан", а "Партизан" го тепа "Манчестер јунајтед", тогаш - "Слога" е светски првак!
Во играта со џамлии можевте да ќарите кибрити или копчиња. Тие беа вистинско богатство. На кибритите имаше слики со прекрасни народни носии или со животни, а нив ги произведуваше "Драва". Во гумите за џвакање се криеше таинствениот свет на филмските актери: Гари Купер, Клерк Гебл, Ана Мањани, Грета Гарбо. Недостигаше само Ерол Флин, кој ја носеше главната награда. Имињата на фудбалерите од сликичките ги знаевме наизуст: Беара, Митиќ, Чајковски, Бобек, Милутиновиќ, Калоперовиќ, Зебец, Видиниќ.
Се разбира, тајно требаше да се запали и по некоја цигара. Популарна беше нишка "морава" во зелена паковка. "Вардар" имаше две пакувања, од по 20 и 10 цигари. Големото пакување се отвораше како табакера. Навечер Скопје стивнуваше, а во ноќните часови крстосуваа прскалките кои ги чистеа улиците. Тогаш се ширеше опоен, незаборавен мирис на летниот прав од скопската калдрма. Се слушаа и последните акорди од музиката во "Кермес", "Опатија" или вревата од скопското корзо на Плоштадот.

http://www.vest.com.mk/?ItemID=3A933F69C134DC4B807768C54B404BBC