Првите кондоми од автомат кај Ристиќева палата

Previous Topic Next Topic
 
Posted by Maketo Maketo
      Options
"За правилна употреба на апаратот, потребно е да знаете колкава е големината на органот ... Дали ја знаете?" Се разбира, дамата ќе избегаше вцрвенета и разочарана...

Пишува Данило Коцевски

Ете, и тоа чудо се случи во Скопје. Кон средината и крајот на шеесеттите години започнаа да се продаваат првите кондоми од автомат. За да биде приказната уште поинтересна, автоматот се наоѓаше на многу фреквентно место, во самиот центар на градот, кај Ристиќевата палата, од страната на денешното кафуле "Тренд". Веднаш до автоматот се наоѓаше берберската задруга "Хигиена", во која работеа повеќемина познати скопски бербери. Денес е многу полесно и поедноставно да го изговорите зборот кондом, бидејќи тој се слуша насекаде. Разни невладини организации ги делат кондомите бесплатно, постојано се одржуваат семинари со совети за сигурна заштита, на разни тркалезни маси и конференции просториите се преплавени со нив. Медиумите, исто така, имаат своја функција во таа пропаганда. Но ајде да ве видам да го изговоревте тоа име некогаш, без да поцрвените во образите и без да ве фати срам. Иако немаше причина за тоа. Кондомите се купуваа во трафиките, но и во некои од поголемите колонијални продавници. И, се разбира, нивното име беше поинакво од денешното. Се продаваа под името "рис", според истоимената фабрика од Загреб која ги произведуваше.

Ако ги купувавте од автомат, работата изгледаше поедноставна. Соочени сами со автоматот, не мораше ништо да зборувате, ниту некому нешто да му објаснувате. Но дали тоа навистина беше така? Ристиќевата палата отсекогаш е најфреквентното место, со многу минувачи, а и дел од скопското корзо беше таму, особено по земјотресот. Во тие шеесетти години плоштадот беше преполн со возила кои се движеа по него, минувајќи преку Камениот мост. Автоматот беше конспиративен, но и им даваше инспирација на скопските мангупи да си тераат шега. За тоа се останати многу анегдоти. Него, главно, го користеа мажи, а повремено и по некоја припадничка на понежниот пол. Токму кога ќе се појавеше таа, неопитна во начинот на употребата на автоматот, мангупот ќе и дадеше совет: "За правилна употреба на апаратот, потребно е да знаете колкава е големината на органот ... Дали ја знаете?" Се разбира, дамата ќе избегаше вцрвенета и разочарана од трнливиот пат по кој се доаѓа до автоматизираната и развиена Европа. Кондомите во автоматот беа единечни, во вид на блескаво спакувани чоколатца.
Многу скопски феномени денес неправедно се заборавени, а токму тие му даваа посебен шарм и белег на градот. Првата бензинска пумпа по војната се наоѓала на просторот помеѓу денешниот ресторан "Пелистер" и Стоковната куќа. Таа била многу егзотична - имала тркало и чекрек. Еден познат скопјанец, кој возел олдтајмер, откако ќе наполнел бензин, извикувал: "Урнете ја куќата на аголот, не можам да свртам со 'шевролетот'". Првата јавна телефонска говорница во Скопје била поставена пред војната, во 1935 година. Се наоѓала на Плоштадот, пред некогашниот ресторан "Метропол".

Жителите на Гази Баба беа вистински мајстори за летање змејови. Најмногу проблеми имаше со набавката на трски и на лепило. Ако се најдеа трски, а немаше лепило, тогаш тие се лепеа со тесто. Другарите од маало, Турците, беа шампиони во летање змејови. Ако змејот се откачеше и не можеше да се управува, долго време се трчаше по него, бидејќи никогаш не се знаеше каде ќе падне. Постои и една ваква куриозна приказна. Најголемиот змеј што досега летал над Гази Баба бил долг три, а широк два метра. Имал огромна опашка од шеснаесет метри. Ортомата за змејот била специјално изработена во текстилната фабрика што се наоѓала во близина на денешниот Скопски саем.

Скопска егзотика беше продавањето локум со ладна вода или боза на улица. Еден од таквите последни продавачи беше познатиот Шарко. Водата обично ја носеше во голем бардак. Продаваше пред киното "Братство" на Бит-пазар, но и на Градскиот стадион за време на фудбалските натпревари. Ако "Вардар" триумфираше на натпреварот, се знаеше што следува - Шарко од радост со сета сила ќе го треснеше бардакот од бетон. А што да се каже за Панче Уневски, легендата меѓу навивачите на "Вардар"? Неговата популарност одеше дотаму што кога ќе се појавеше на стадионот, целата публика скандираше: "Панче, Панче". Не можеше да се замисли натпреварот да почне без него. Тој по професија беше молер и претприемач, секогаш духовит и беспрекорно облечен, со костум и вратоврска по кои беше познат во градот.