Првата нудистичка плажа во Скопје

Previous Topic Next Topic
 
Posted by Maketo Maketo
      Options
Една од најпознатите плажи по земјотресот на кривина на реката Треска. Првите плажи на Вардар биле осамени и со мал број капачи. Или, на почетокот, само со еден единствен капач, како што бил случајот со Руската плажа. Како настанала оваа плажа, една од најпознатите во Скопје?

Според кажувањата и малиот број записи, рускиот емигрант Иван, белогардеец, прв се капел на ова место покрај Вардар и според него таа е наречена Руска плажа. И не само тоа. Местото не само што било исклучително погодно за плажа туку диво и осамено. На тој начин, Иван бил своевиден Робинзон Крусо на Вардар. Во природата на човекот е да се капе гол на вакви пусти и диви места, што, најверојатно, го правел и рускиот емигрант. Тој, најверојатно, е еден од првите нудисти кој не сакал да биде тоа, но околностите му оделе од рака да влезе во историјата на скопските плажи. Тука, на тоа место, скопскиот Робинзон имал и мала куќичка. До неа оформил бавча од страната на паркот, а поседувал и пумпа за вода. Постепено започнал да одгледува живина и да чува свињи, бидејќи немало никој во близина. Имало дебели сенки во изобилство, реката била мирна и, како што подоцна забележале хроничарите, плажата станала омилено место за младите од Дебар маало, Буњаковец и Железничката Колонија. До неа доаѓале пеш или со велосипеди преку насипот.
Кај нас малку се знае и малку е пишувано за дивите плажи, не само на Вардар туку и на Треска, Пчиња и Лепенец. По земјотресот, кога реката Вардар беше загадена, приматот за најдобри и најчисти го презедоа плажите на реката Треска. Од браната на Матка, па с до утоката на Треска во Вардар кај Сарај, беше вистински рај во кој можеше да се ужива и да се избега од скопските горештини.
А се започна од плажата на кривината, каде што граѓаните доаѓаа да се капат, но и да си ги измијат автомобилите, тука, во дивината. Оттука натаму, се до утоката, имаше безброј мали плажи кои беа ретки и необични, бидејќи свежината доаѓаше од бавчите, но и од длабоките вирови што ги имаше во реката Треска. На местото на соединувањето на двете реки, во близина на базенот, подоцна беа изградени бунгалови, а плажата беше уредена и беше една од најубавите во Сарај.
Во еден хроничарски запис за дивите и помалку познати плажи, се вели: "Постоеле многу други диви плажи под Железниот мост кај Сарај, потоа во Ѓорче Петров, детската плажа Чичино Село, плажата кај месноста Стени или Бел Бунар (Долно Нерези - плажа на водњанци), потоа две плажи кај денешната населба Влае, Тана Љубосављевиќ, Ученичката (Ѓачка) плажа, Шабан-пашината плажа, плажите во Драчево, Зелениково, Идризово, Катланово".
Првата вистинска нудистичка плажа во Скопје постоела уште пред војната, во 1932 година. Како се случил тој куриозен настан за кој и денес се раскажува? Имено, таа година било основано првото нудистичко друштво во градот. Уште покуриозно е што во ова скопско нудистичко друштво членувале исклучиво - жени! И тоа од угледни граѓански семејства. Друштвото имало и своја претседателка. Тоа била познатата скопјанка госпоѓа Ташана, со прекар Шана. Според пишаните извори и сеќавањата, членовите на оваа нудистичка група со пајтони оделе до Катлановска Бања и таму уживале на дивите плажи на реката Пчиња. Тоа била првата нудистичка плажа. Но тие ги користеле и пустите плажи на реките Вардар и Треска. Избирале специјални места каде што не можеле да бидат видени. Во записите понатаму се вели: "Нема податоци за постоење на друштво на нудисти мажи, освен поединечни случаи на неколкумина руски емигранти". Тука, секако, спаѓал и нашиот херој од руската плажа, емигрантот Иван, скопскиот Робинзон Крусо на реката Вардар.

Кога сме кај другите плажи кои постоеле пред војната, несомнено, треба да се спомене плажата Лебед, која се наоѓала во близината на денешниот Луна-парк. Плажата имала кабини, две кугларници, а можеле да се изнајмат и чунови. Прв пат бил назначен и специјален чувар на плажата.

По војната, најпозната е Градската плажа, со дрвени платоа за сончање и многу подобности карактеристични за една современа плажа. Постоеја кафеана и кајакарски клуб со долга и славна традиција, кој се исели од тие простории пред неколку години, кога беше урната старата и изградена новата зграда во близината на Градската плажа. Темата за која помалку е пишувано, а е поврзана со плажите на Вардар, е за познатите скокачи во реката, од Камениот мост и од Железничкиот мост во Маџир маало. Куриозна е и приказната за жената-скокач од Железничкиот мост, за чии скокови раскажуваше цело Скопје.

Пишува Данило Коцевски

http://www.vest.com.mk/?ItemID=B158EEF745744244AA2DA0F230FEC1C7