Таинствената принцеза од Гази Баба

Previous Topic Next Topic
 
Posted by Maketo Maketo
      Options
пишува Данило Коцевски

Во Скопје денес постојат такви места за кои нема да верувате дека датираат од пред петстотини и повеќе години, а чии остатоци се расфрлани, незаштитени, оставени на забот на времето. Кога ќе поминете покрај нив, се гледа и се чувствува нивната старост, патината на каменот што тука опстојува со векови. Еден таков исклучително интересен и предизвикувачки локалитет денес се наоѓа во близината на Природно-математичкиот факултет на Гази Баба. Се забележуваат расфрлани столбови и масивни камени блокови потемнети од годините. Покрај нив, свежи траги од запалени свеќи, оставени предмети-реликвии, делови од облека, продукти што ги има во овој период од годината.
Во овие пеколни скопски горештини, стоиме со фоторепортерот на "Вест" за да направиме ексклузивни фотографии од ова место. И не само тоа. Сакаме да го дознаеме мислењето на студентите што минуваат оттука кон Факултетот. Една студентка вели: "Ова е крајно необичен и егзотичен простор. Камењата се црни од свеќите и годините. Секој ден минувам оттука, но не знам што се крие зад сето тоа. Таинственоста понекогаш ми предизвикува морници". Таа и не знае дека станува збор за мавзолеј на личност од женски пол, која пред да почине, ги имала нејзините години.
На источните падини на Гази Баба, сè до пред скопскиот земјотрес, постоеше турбето на една принцеза или кралска ќерка погребана тука. Натписот на турбето не беше зачуван. Но истражувањата покажаа дека тука е погребана кралска ќерка, популарно наречена и позната во народот како "крал кжзи". Која била таа и како се случило токму тука да биде нејзиниот мавзолеј?
Првин се мислело дека тука е гробот на ќерката на турскиот освојувач на Скопје, Игит-паша. За мештаните, во тоа време, секој османлиски освојувач и паша бил еден вид крал, па оттаму дошло и името. Подоцна се утврдило дека станува збор за сосема друга кралска ќерка. За ќерката на последниот босански владетел Стјепан Томаж. Дури е познато и името на принцезата, се викала Катерина. Таа била пород од бракот на ќерката на херцегот Стјепан со кралот Томаж.
Како што зборуваат хрониките од тоа време, Херцеговина и Босна паднале под турска власт во 1463 год. Погром доживеале и херцеговскиот и босанскиот крал, и покрај тоа што во нивна одбрана застанале Скендер-бег Кастриот, Дубровчаните и Млеќаните. Притоа е забележан еден интересен податок: Турците заробиле две кралски малолетни деца, принцезата Катерина и нејзиниот брат Зигмунд.
За да не бидат погубени, тие биле воведени во исламот. Зигмунд подоцна се споменува како санџак-бег во една провинција во Мала Азија, под името Исак-бег. Неговата сестра Катерина живеела и починала во Скопје, каде што е погребана во мавзолејот на Гази Баба. Како се случило животот на принцезата да биде поврзан со Скопје? Се претпоставува дека таа била мажена за некој висок турски великодостојник.
Околу животот на принцезата се поврзани многу волшебни и фантастични приказни. Таа понекогаш, за време на својот живот, таинствено и неочекувано се појавувала на местото каде што подоцна бил мавзолејот, мечтаела и занесено гледала во далечината. Прекуден ги набљудувала гемиите на Вардар како пловат кон Солун. Други извори велат дека таа прекрасна и нежна убавица боледувала од задув или астма и често доаѓала тука заради природата и чистиот воздух. На нејзиното омилено место, на ридот, подоцна бил подигнат и споменикот.
И денес тоа е култен простор, мештаните палат свеќи без оглед на која вера $ припаѓаат. Се верува дека местото е лековито, за што еден хроничар запишал: "До ден-денес на тоа место се носат мали деца и бебиња што ги положуваат врз урнатините и се палат бели свеќи, оставаат нишан-пеленки, бенкички и бебешки капчиња, храна и цвеќе".
За тоа како изгледало турбето, нашите истражувачи велат дека тоа "имаше квадратна основа и припаѓаше на типот отворени турбиња со купола. Во долните делови беше изградено од камен, а горните партии беа ѕидани со тула. Кубето беше покриено со ќерамиди. На базисите од столбовите, на капителите и на завршниот венец беше застапена профилација.
Со своите складни димензии и убавата обработка, турбето дејствуваше извонредно во амбиентот.
Катастрофалниот земјотрес од 1963 година не го поштеди ниту овој објект. Се урна целото турбе, а само остатоците денес зборуваат дека тука постоело".
Расфрланите остатоци од мавзолејот се на истото место речиси педесет години по земјотресот.

http://www.vest.com.mk/?ItemID=A0A5346114E31645BF25259370A38545