Фото: Пајко маало – белегот на старото Скопје

Previous Topic Next Topic
 
Posted by Макето Макето
      Options
Пајко маало било најголемото и најпознатото маало во Скопје, кое се простирало меѓу реката Вардар од една страна и Покриената чаршија и Карадаг маало од другата страна. Во состав  на ова маало спаѓало и Егид Пашино маало кое било поголемо. За Пајко маало постојат безброј легенди.  Сите легенди се поврзани со минатото. Во периодот помеѓу двете светски војни во ова маало се наоѓале најубавите улици и куќи во кои живееле старите скопски фамилии и богатите граѓани на Скопје.

На улицата Патријарх Варнава која пред Балканските војни се нарекувала Димче Хаџи Зафир сокаки, се наоѓала најстарата куќа во тој дел на градот, изградена пред стоидваесет години. Оваа куќа зафаќала површина од петстотини квадратни метри со двор покриен со плочи. Оваа и други куќи од постар тип  биле ориентирани кон  север. Ваквата ориентација на куќите не била поради ладните северните ветрови, туку поради јакото, речиси тропско сонце. Сочуваната куќа била сопственост на Ана Хаџи Зафировиќ, која ја добила како подарок од својот покоен татко Паша Петре.  Постоеле и други стари куќи, како на пример, куќата на Поп Николиќ, Поп Теодосиќ и други.

За  најстарата куќа во Пајко маало во весниците се пишувало: “...  на самиот почеток на улицата  на адвокатите се наоѓа една сочувана и мошне стара ограда од железни шипки во вид на копја и испреплетена жица со низок ѕид. Запоставена и сронета, поттурнатата настрана од животот како непотребна, таа, сепак, во себе ја чува топлината на некогашната улица на старото Пајко маало. Таа ограда била дел од оградата којашто се протегала долж целата улица што водела кон мошне познатите,  денес непостоечки згради на старата Соколана и на училиштето “Кирил и Методиј”.  

Соборната црква “Света Богородица” се наоѓала во Пајко маало и околу неа живееле многу угледни скопски фамилии. Меѓу овие фамилии се истакнувале Трпчановци, Рибареви, Попанкови, Китинчеви, Крангови, Јаневи, Кондовци, Стојанови (Ч'крови)  и др.

Фамилијата Стојанови во Скопје се доселила во првата половина на 19 век  и е една од постарите во градот.
Во село Сопот - Кумановско живеело семејството на Стојан Стојановски со сопругата Кипра. Причина за иселувањето на Стојан со фамилијата од селото се турските зулуми во почетокот на 19 век кога  тој го напушта своето родно место и се доселува во Скопје. Во Скопје се населуваат во Пајко маало.
Со оформување на свои семејства сите синовиизградиле свои домови во Скопје, а некои од нив се иселиле.  Синот на Димитрија, Пане, изградил куќа во Пајко маало со голем двор покрај Вардар. Куќата била направена од тврд материјал  на два ката со визба и тавански простории.

Претприемачот го направил планот на зградата, но не предвидел хигиенски чвор- односно дел за бања и клозет, ниту инсталација за вода и електрика.  Во тоа време во градот немало електрично осветлување  и водовод.

Куќите се осветлувале со фенери, ламби на петролеј, а со вода се снабдувале преку бунари.
Клозетите се правеле во дворот, што подалеку од куќата, со голема септичка јама.
По завршувањето на Првата светска војна, Скопје почнува да се електрифицира и да се воведува водовод. Во својот дом, Пане воведува електрично осветление и водовод по 1925 год. Петар и Атанас исто така  градат свој дом во месноста Идадија. Нивниот дом бил од тврд материјал, на два ката со пространа визба и тавански простории. Илија за своето семејство изградил  дом во Солун, бидејќи  таму живеел и работел.
 Скопјанецот Панко Димитров кој по професија бил поп, во почетокот на ХХ век се оженил со Марија од с. Кучевиште.  Панко и Марија имале десет деца.  Живееле во Пајко маало, а имале и друга куќа  до Стара нова бања, која ја издавале.

Едното од децата, Благоја Поп Панков   тогаш бил гимназијалец. Со голема желба да го заврши школувањето, Благоја работел физички работи и паралелно учел. Завршил и гимназија и Трговска академија, а студиите ги завршил во Белград на Економскиот факултет. Кога се вратил во Скопје,  во прво време работел како адвокатски помошник кај неколку адвокати. Тогаш се запознал со својата идна сопруга Катерина  која  во Солун  завршила Историски факултет и во 1925 год. дошла во Скопје да ја посети мајка í и се запознала со Благоја. Следната година стапиле во брак.

Благоја и Катерина живееле во Пајко маало, во семејната куќа на Поп Панкови. Куќата била со приземје и кат. Приземјето го издавале, а на катот живееле. На нивниот кат мало 4 соби: спална, детска, дневна соба и библиотека со пијано. Кујната била најголема одделена просторија. Ѕидовите ги краселе уметнички слики кои Благоја со задоволство ги купувал од македонските уметници. Дворот бил засаден со дрвца и цвеќиња.

Во истото маало живееле и познатите кожари Рибареви.

 Куќата на Рибареви се наоѓала веднаш до Соборната црква Св.Богородица, а имала приземје и кат со мансарда на покривот. Особено интересни за оваа куќа биле античките(јонски) столбови на влезот во куќата.

 Семејството Чохаџиќ живеело во Пајко маало во близина на Скопската митрополија, каде што се наоѓал и Санаториумот Чохаџиќ. Куќата била изградена во 1938 год., со висок сутерен, спални соби на кат и таван со две соби. Куќата имала етажно греење, водовод и канализација и бања во состав на куќата.
 Стојко Стојановиќ со својата фамилија живеел  во  стара куќа покрај Вардар која ја купиле од турски бег за 1000 лири. Од страната кон кејот имало слепи ѕидови, а влезот бил од северната страна, кон  чаршијата. Се влегувало од голема дрвена врата со мермерни плочи. Од левата страна воделе скали за на катот, а од десната имало спореден влез кој водел директно во кујната. Ова овозможило еден дел од куќата да го издаваат под кирија. Во 1926 год. кога работата почнала да напредува, Стојко решил да изгради нова куќа. За време на градбата на новата куќа се преселиле во зградата на познатиот трговец Ароести, а за тоа време, на плацот на старата куќа се градела нова. Изведувач на градбата бил Исаило Николиќ од Галичник. Куќата, составена од три ката, два дуќана , мансарда и во која имало инсталирано парно греење, чинела 800.000 динари. Проектот на куќата го направил Артемушкин, а мебелот во длабока резба бил направен по порачка во Дебар.

 Истакнати жители на Пајко маало биле и фамилијата Кранго.

 Куќата на Крангови се наоѓала во Пајко маало , била голема , имала 16 простории  и во неа, на почетокот живееле целата фамилија Крангови. Куќата била интересна, имала водовод кој работел на принцип на  секојдневно пумпање на пумпа' која се наоѓала во визбата. За пумпањето биле изнајмувани Цигани.
 Јован Хаџи Васиљевиќ наведува интересен податок за братството Кратовалија (Јован), доселено во Скопје од кратовското село Шлегово уште во 18 век  , чиишто потомци и сега живеат во овој град. Во спомнатиот период, Кратовалиеви имале куќа на Васинова улица бр.13 во Пајко маало, на чија локација денес се наоѓаат адвокатските канцеларии и Народната универзитетска библиотека “Климент Охридски”.

 Куќата на Кратовалиеви била голема, на кат, со по три одаи за спиење и по една поголема гостинска одаја во приземјето и на катот. Под целото приземје се наоѓала визба за чување на огревен материјал, зимница, ракија, вино и слично. Гостинските одаи секогаш биле уредени и отворени, но децата таму без потреба не влегувале. Во спалната одаја за родителите имало железен кревет со душек од волна или од памук. Одозгора душекот се покривал со чаршафи, најчесто од чипка. Се легнувало на две перници, од кои едната била  наменета за жената, а другата за мажот, а се покривало со јорган или со јамболија(“веленце”) во постудени, а со полесна покривка во потопли денови. Сите текстилни    предмети во домаќинството  за секојдневна употреба - од навлаките за перници до чипканите чаршафи и килимите,  рачно, на хоризонтален разбој, ги изработувале  жените во семејството .

Во тоа време, куќата на Кратовалиеви имала голем поплочен двор, а во еден дел од дворот се чувале камили и едно магаре. Плочите биле од камен, поради што дворот лесно се одржувал и секогаш бил  чист и уреден.

Во Пајко маало живеела и фамилијата Петрови, едни од првите сопственици на бензинска пумпа во Скопје.
Михо Петров е роден во Скопје во 1920 год. Неговите родители, од Грција преку Крушево  се доселиле во Скопје во 1918 год. Татко му, Александар Петров бил најстаро дете од деветте деца во неговата фамилија (шест браќа и три сестри). Александар живеел во Пајко Маало, веднаш спроти денешната меѓуградска автобуска станица. Таткото на Александар ја купил куќата од некој Турчин и како се зголемувала фамилијата, така ја проширувале и куќата, додавајќи соби. Куќата, на крај,  имала  пет соби. Не била наместена со многу луксузен мебел. На подот имало мутави, а Михо памети дека долго време како дете спиел со баба му на душек кој го собирале секое утро. Првпат на железен кревет спиел дури кога тргнал во гимназија. Куќата ја одржувала мајката на Михо, сама, исто како што и самата подготвувала вкусни јадења на шпоретот на дрва. Таткото на Александар работел како бакал. Прво отворил бакалница во близина на куќата, во која се продавала колонијална стока набавена исклучиво од Македонија. Таткото на Александар умрел многу рано, така што Александар, како највозрасен во фамилијата, продолжил да се грижи за своите браќа и сестри, односно продолжил со отворање нови дуќани за нив. Трите сестри не работеле, туку се грижеле за куќата. До 30-тите години на ХХ век, Петрови имале 5 дуќани: еден  во Пајко маало, два на ул. “Серава”, еден во Железничка колонија, над кој имале и стан за живеење. Двата дуќани на ул.”Серава” во Чаршијата биле бензински пумпи.

Източник: http://www.skopjeinfo.mk/gradot/1087789368/foto-pajko-maalo-belegot-na-staroto-skopje