Најстариот Македонец игра голф и вози коли на 108 години

Previous Topic Next Topic
 
Posted by Maketo Maketo
      Options
На денот на независноста 8 Септември македонскиот конзулат во Канада ќе организира свечено подигање на македонското знаме во центарот на Торонто. Канадските власти дале посебно одобрение македонското сонце да биде кренато пред почесен гардиски строј, а знамето ќе го крене Методија Петков, најверојатно, најстариот жив Македонец во светот. Плановите на конзулатот во Торонто за прослава на независноста биле поинакви, но кога дознале дека во Канада живее 108-годишниот дедо Методија, решиле таа чест да не му ја дадат на политичар ниту на кој било висок државник туку на дедо Тед, како што го викаат во Канада.
Фактот дека , најверојатно, е најстариот Македонец во светот, е повеќе од добра причина, а тоа што на 8 Септември ќе биде знаменосец е добар повод дедо Методија, само за "Вест", да го раскаже своето животно патешествие - од чистењето чевли во Торонто, преку рестораните, голф клубовите и спортските коли и лимузините, до бавчата со домати во Канада.
Методија - Тед Петков, и покрај неговите безмалку 108 години, е витален и харизматичен дедо. Роден е на 31 јануари 1904 година во битолското село Цапари. Во јануари в година ќе наполни 108. Неверојатно виталниот и ведар старец е, најверојатно, најстариот жив Македонец. Во Канада отишол во 1930 година, и за неколку дена ќе изброи точно 82 години како заминал од Македонија. Татковината ја напуштил поради големиот терор и репресалии од српската жандармерија во '30-тите години, за која, како што вели, колку и да се спротивставувале, не се трпела.
"Со воз отидов до Франција, па оттаму со брод до Монтреал, а потоа во Торонто. Во Канада дојдов кога беше најголемата економска криза. Толку беше тешко, што три години не можеше да се најде работа. Таму заминавме заедно со неколку мои другари од нашиот крај и од Раково, Егејска Македонија. Тие ми предложија да почнеме да чистиме чевли на улица. Решивме да работиме во строгиот центар на Торонто. Чистевме чевли по 14 часа дневно за еден долар и 50 центи бакшиш. Работевме и за 6 долари неделно, околу 80 работни саати. Отспротива кај што работевме имаше еден господин Браун кој држеше пекарница, а продаваше и пивтија за 5 центи, па тоа јадевме. Со леб и уште нешто што ќе земевме ќе ни се собереше 19 центи за ручек. Подоцна се префрлив на друго место со чистењето. Така заработив 300 долари", се сеќава дедо Методија на првите години во Канада.
Кога видел колку заштедил, позајмил од некој пријател уште 300 долари и решил да почне бизнис.
"Имаше едни Македонци што имаа месарница и пекарница, но поради економската криза не можеа да ја плаќаат опремата која ја зеле. Реков, ај јас за 600 долари ќе ја купам. Арно ама ништо, пропадна бизнисот, и пак се вратив на чистење чевли. Пак по 6 долари неделно, и пак собрав 300 долари, и пак позајмив уште 300, и со уште двајца Македонци Мајк и Блаже решивме да почнеме бизнис. Така ние тројцата ортаци, од еден стар Грк господин Џонсон купивме голем дуќан, во кој имаше 17 столови за чистење чевли, шест берберски столови и еден стол за миење коса. Тие беа женети, а јас беќар. Набрзо Мајк почина, и останав ме само јас и Блаже. Убаво работевме, и по некое време јас мојот дел му го дадов на Блаже и отидов да работам во угостителство. Имав еден пријател, многу добр готвач, и со него и со уште еден другар отидовме во Џексон Поинт и таму најдовме еден затворен ресторан. Го стокмивмее и почнавме да работиме. Секој петок сите Евреи доаѓаакај нас, и многу добро работевме. Го држевме ресторанот само едно лето, ама убаво заработивме. После тоа отворив тобако и во 1951 година се оженив со Елси. Набрзо ми дојде еден познајник што држеше ресторан во Крик Ајленд и ми понуди јас да го купам делот од неговиот ортак. Арно ама се премисли, па со жена ми купивме еден голем локал под апартманот каде што живеевме. Во 1954 година го отворивме 'Амејзинг Тедс' ресторан и бизнисот одлично тргна, па после многумина сакаа да го купат од мене. Работев и две кафетерии во две гимназии. И така некои 12 години, и заработив многу. Кога запечалив многу работев и со финансирање градби на куќи. Заедно со мојата, кај што ми беше ресторанот, едно време имав 13 куќи и 50 декари градежно земјиште. Потоа купив и еден голем гранап од еден Италијанец за 54.000 долари и одлично одеше бизнисот. Но ресторанот најдобро се покажа, и го држевме 15 години, пред да го продадеме, кога се пензионирав", раскажува Тед.
Во 1991 година веќе имал создадено големо богатство и во готовина и во недвижнини. Тогаш, по 40 години брак, во февруари 1991 година му починала сопругата Елси, со која немале деца. По некое време се преженил, но за неколку години му починала и таа жена. И таа во февруари.
Дедо Методија за себе вели дека е многу побожен. Уште од мал пеел старословенски молитви во црковен хор во Македонија, а подоцна и во Канада. И не само црковна музика туку и староградска, па и модерна. Пеел и секоја недела, заедно со неколку Европејци имале музичко шоу на радиото Си-Би-Си, за кое снимил и плоча со славјанска музика.
Поголема пасија од пеењето му се спортските автомобили и голфот. Во животот, вели, сменил 14 автомобили, а вози и ден-денес. Сега вози спортски "форд мустанг", и сака брзо возење, а понекогаш ја вози и новата "мазда 3".
"Имав два 'кадилака', па олдсмобил, па еден автомобил од 'Џенерал моторс'... Моите најдобри другари не се мераклии за коли, ама јас ептен сум. Заедничко со другарите ни е голфот. Редовно играме и учествуваме на Маседонијан голф турнамент во Канада, кој в година ќе слави 70-годишен јубилеј. Тој турнир го почнавме јас и уште 6-7 мои пријатели. Денес е тоа многу сериозен и престижен турнир. Инаку, одамна членувам и во неколку елитни голф клубови, а и тука во дворот имам мини-терен за вежбање удари", вели Тед.
Како и многумина нашинци, Методија е задоволен од животот, ама, вели, мака му е за Македонија. Последен пат бил во родниот крај во далечната 1967 година. Единствената врска со Македонија и со роднините дотогаш му биле писмата. Последното писмо од родниот крај било од татко му, кое го добил 1970 година.
"Слабо следам што се случува во Македонија, само за големите работи. И спортот. А тука во Канада следам најмногу хокеј и навивам за Монтреал Канадианс. Од кошарката Торонто репторс се од овде, но не ги сакам. Многу сакам и бејзбол. Навивам за Јенкис, а внук ми Љупчо не ги сака. По натпревари се дружиме со многу познати и богати Македонци бизнисмени во Северна Америка. Многу добро се знам со Џон Битоф, со Ставро..., како и со многу познати Канаѓани од јавниот живот како што е хокеарот Пит Селс.
Политика, вели, не бистри, ама сака да им порача на Македонците да ја чуваат Македонија, и цврсто стои на убедувањето дека македонската нација е најстарата во светот.
"Татко ми учел во Солун на македонски јазик, во времето кога се основала ВМРО. Учител му бил Даме Груев. А јас учев во Битола, во старата гимназија спроти Судот", вели Методија.
И покрај дружењето во голф клубовите и возењето спортски автомобили и лимузини, Тед вели дека живее скромно и повлечено. Од Торонто се повлекол во малото гратче Сатон Вест, на стотина километри северно од Торонто. Таму секое сеќавање на детството, вели, го одржува во живот, а на стари години го крепи што околу него ги гледа внуците. Богат е, сака модерен живот, но никако, вели, не може без неколку старински работи кои му останале од рониот крај. Затоа во дворот во Сатон Вест направил бавча со пиперки, домати, краставици, да ги насладува канадските пријатели.

Првпат во животот гледам македонски војник

"За дедо Тед, како што тука го викаат, дознав сосема случајно. Од Македонците тука чув дека во Канада живее најстариот Македонец, но никој немаше информација каде се наоѓа во моментов. Се распрашав и дознав дека веќе подолг период живее повлечен, во прекрасното гратче Сатон Вест. Веднаш отидов да го запознаам, и на првата наша средба му ја понудив честа да биде дел од овогодишните големи прослави за 8 Септември, во организација на генералниот конзулат на Македонија, и да биде човекот што високо ќе го подигне македонското знаме во центарот на Торонто, во Квинс парк, пред Собранието на Онтарио. Тој со емоции, воодушевен од предлогот, веднаш ја прифати оваа понуда, и рече дека е посебно горд што висок државен претставник од Македонија е гостин во неговиот дом и што токму него му е дадена честа да го подигне македонското знаме. Додека се договаравме за кревањето на знамето, дедо Методија ми кажа дека никогаш во животот не видел македонски војник. Затоа му организирав средба со еден од македонските офицери што се наоѓаат на дообука во воената база Борден, тука во Канада, и му ја исполнив една од неговате најголеми неостварени животни желби - во живо да види македонски војник", вели Драган Ѓурчевски, генерален конзул на Македонија во Канада.

"Тедс" ресторанот сe уште работи

Методија Петков го отворил "Амејзинг Тедс" ресторанот во Скарборо, Торонто, на 25 ноември 1954 година. Го продал по 12-ина години одлична работа, и оттогаш се смениле многу сопственици.
Според податоците на Интернет, денешен сопственик на ресторанот, кој важи за место кое го задржало и изгледот и вкусот на '60-тите, е извесен Ренди Зенг. На форумите и на сајтовите за знаменитости во Торонто има многубројни коментари дека "Тедс" сe уште е место каде што може да се добие највкусната вечера од шеесеттите години на минатиот век и оти сe уште послужуваат појадок цел ден. Некои, пак, коментираат дека како што се менуваат сопствениците така згаснува и стариот добар имиџ кој му го дал Методија, Тед.
Во ресторанот на Тед се снимени и неколку сцени од филмот "Боилер рум" со Џон Кјузак и Били Боб Тортон.

Луто за долг живот

"Со години наназад јадам многу луто, ама ептен луто. Тоа е дел од мојот рецепт за долг и здрав живот. Во сe сум умерен, па и во јадењето. Јадам сe, ама умерено. Но тоа не важи кога се работи за лути пиперки. Многу јадам и друг зеленчук, кој сам го одгледувам во бавчата зад куќата, веднаш до тревникот каде што тренирам со палката за голф. Садам пиперки, домати, магдонос. Тоа и ме насладува, и ме крепи, и ме одмора. Уживам кога ќе влезам во бавчата да работам", кажува дедо Методија.

Емил Златков

http://vest.com.mk/?ItemID=FF6ECFEC9F27B34980587AD6F520EEDC

1 Comment

classic Classic list List threaded Threaded
Maketo Maketo
Reply | Threaded
Open this post in threaded view
|

Re: Најстариот Македонец игра голф и вози коли на 108 години

Почина најстариот Македонец во светот

Во малиот град Сатон Вест, Канада почина најстариот Македонец во светот Методија Петков, кај тамошните познат како Тед.

Петков почина во својата 108 година. Роден во битолско Цапари на 31 јануари 1904, уште во далечната 1930 година заминал во Канада.

Петков, како што наведуваат во соопштението од Генералниот конзулат на Македонија во Торонто, бил пасиониран колекционер на спортски автомобили, речиси до последните денови од животот го возеше својот најнов Форд Мустанг и секојдневно активно играше голф со пријателите. Пред неколку месеци на јубилејната прослава по повод државниот празник 8-ми Септември, на покана од Генералниот конзул на Република Македонија во Торонто Драган Ѓурчевски, токму дедо Методија ја имаше честа да го подигне македонското знаме во ,“Квинс парк“ пред Парламентот на Онтарио во Торонто.

Дедо Методија живеејќи ја единаесетата деценија од својот живот, пленеше со својата харизматичност и виталност и беше мошне популарен помеѓу македонската заедница во Канада, наведуваат од Конзулатот.

http://www.netpress.com.mk/mk/vest.asp?id=101516&kategorija=1

Latest news from macedonia-history.blogspot.com